УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ НА ФРИЛЕНСЕРС.МК

ОВИЕ УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ ПОДЛЕЖАТ НА ПРОМЕНА ОД СТРАНА НА ФРИЛЕНСЕРС.МК (ВО ПОНАТАМОШНИОТ ТЕК ФРИЛЕНСЕРС), ВО СЕКОЕ ВРЕМЕ И ПО ПОТРЕБА ВО РАМКИТЕ НА СВОЕТО ДИСКРЕЦИОНО ПРАВО. КОРИСТЕЊЕТО НА ФРИЛЕНСЕРС ПО СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ВАКВИТЕ ПРОМЕНИ ПРЕТСТАВУВА ВАША ПОТВРДА ЗА ПРИФАЌАЊЕ НА ПРОМЕНИТЕ И ОД ТАА ПРИЧИНА ВЕ МОЛИМЕ, РЕДОВНО ПРОВЕРУВАЈТЕ ЗА ПРОМЕНИ НА ОВИЕ УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ.

Вовед

Платформата ФРИЛЕНСЕРС е моментално во бета фаза. И покрај тоа што платформата е комплетно функционална за својата намена, ова е пред се период кога градиме заедница, екосистем на корисници. Го опипуваме пулсот и потребите на членовите, како би можеле во следната етапа да испорачаме опции и функционалност кои навистина нудат вредност за нашите членови. Искористете го овој период да се регистрирате и да го испробате порталот и најбитно од се да дадете предлози и сугестии како ФРИЛЕНСЕРС да го адаптираме подобро на вашите потреби.

ФРИЛЕНСЕРС ви овозможува да побарате или да понудите услуга (помош) од цела низа на категории. Овие услуги се обезбедени од вас (самите членови) и ФРИЛЕНСЕРС нема никаков удел (финансиски, морален или материјален) во обезбедувањето на истите.

Обезбедувањето на услугите преку оваа платформа е одговорност исклучиво на членот кој ги обезбедува услугите. Ваша обврска како членови е внимателно да процените и да се договорите околу извршувањето и плаќањето на услугата.

ФРИЛЕНСЕРС цели да го олесни овој процес преку транспарентно прикажување на рејтингот на секој корисник, рејтинг кој е формиран од оцените добиени од останатите корисници согласно коректноста и придржувањето до договореното и квалитетот на завршената работа. ФРИЛЕНСЕРС нема никаква улога во формирањето на рејтингот на корисниците.

ФРИЛЕНСЕРС е платформа која единствено овозможува начин/механизам членовите да побараат од или понудат помош на други членови и притоа ФРИЛЕНСЕРС не наплаќа никаква вредност или процент во договорените суми.

Со самото користење на платформата ФРИЛЕНСЕРС и услугите кои ги нуди, вие се согласувате со долунаведените услови за користење и останатите политики јасно објавени и апликативни на оваа платформа.

Пристап до ФРИЛЕНСЕРС

За да можете непречено да ја користите оваа платформа, потребно ќе биде да се зачлените/регистрирате преку давање на некои основни детали кои служат за ваша идентификација на оваа платформа и за овозможување на предвидената функционалност на ФРИЛЕНСЕРС.

Услов за користење на ФРИЛЕНСЕРС е сите информации што ги давате на оваа страница да бидат точни, тековни и целосни. Доколку информациите што ги давате не се точни, тековни или целосни, го задржуваме правото да одбиеме пристап или да го блокираме пристапот во кое било време, без претходна најава.

Дел од податоците кои ќе ги внесете при процесот на регистрација ќе бидат јавно достапни за останатите членови со цел да се овозможи контакт меѓу членовите, додека осетливите податоци (пр. лозинки, адреса итн.) се приватни и видливи само за вас.

ФРИЛЕНСЕРС исто така го задржува правото да одбие давање на услуга или пристап на сајтот или на профилот на било кое лице, во било кое време поради било која причина.

Користење на ФРИЛЕНСЕРС

Со користење на ФРИЛЕНСЕРС вие се согласувате на следниве предуслови:

  • Да немате законска забрана од било која категорија која ви оневозможува да користите електронски услуги од ваква природа
  • Нема да се впуштате во било какви малициозни дејства насочени против ФРИЛЕНСЕРС, кои ќе имаат за цел нарушување на функционалноста на ФРИЛЕНСЕРС, обиди за екстракција на приватни информации или информации поврзани со безбедноста и функционирањето на ФРИЛЕНСЕРС
  • Нема да се обидувате да вметнете скрипти во полињата за податоци, нема да користите „роботи“, „пајаци“ и други алатки за екстракција на информации
  • Ќе отворате објави само за легитимни побарувања/услуги и податоците кои ќе ги внесете притоа ќе бидат точни, навремени и комплетни
  • Доколку нудите помош/услуга за одредено побарување/објава, податоците кои ќе ги внесете притоа се сметаат за ваша легитимна понуда. Поголеми отстапки од вашата понуда ќе се сметаат за основ за несериозно однесување и непрофесионалност и како резултат на тоа за добивање на ниска оцена од членот кој го отворил побарувањето/објавата
  • Навремено ќе давате оцени за членовите со кои сте соработувале, како би се овозможило одржување на непристрасен рејтинг систем на ФРИЛЕНСЕРС кој е од бенефит на сите членови
  • Оцените кои ќе ги давате за членовите со кои сте оствариле соработка ќе бидат коректни, точни и според ваша најдобра процена
  • Ќе ги ажурирате податоците за вас по потреба со цел обезбедување нивна точност во било кое време
  • И покрај тоа што ФРИЛЕНСЕРС цели да е достапен за употреба 24/7, сепак можни се повремени прекини на функционалноста заради надградби, одржување или причини надвор од контрола на ФРИЛЕНСЕРС.
  • ФРИЛЕНСЕРС има право во секој момент да го промени или укине било кој аспект или функција на сајтот, или да додаде нова функционалност по барање на корисниците или по процена на администраторите на порталот.
  • Во случај на суштински промени или од други неопходни причини, ФРИЛЕНСЕРС го задржува правото да ве извести преку email адресата која ја имате употребено за креирање на профилот.
  • Можете да регистрирате и одржувате само еден профил на веб сајтот за лична употреба. Вие сте одговорни за обновување на податоците во вашиот профил и одговорни за одржување на безбедноста на вашиот профил. ФРИЛЕНСЕРС не сноси никаква одговорност за било каков инцидент кој може да произлезе од употребата или е поврзан со вашиот профил.
  • Вашиот профил не е пренослив. Не смеете да го споделите или продадете на друго лице.

Права на сопственост

Содржината на ФРИЛЕНСЕРС не смее да се копира, дистрибуира, ре-објавува, постира на кој било начин, без претходна писмена согласност од администраторот на ФРИЛЕНСЕРС.

Одговорност на корисниците

ФРИЛЕНСЕРС е јавно достапен портал. Согласно тоа, информациите кои доброволно ги внесувате ќе бидат јавно достапни на корисниците на ФРИЛЕНСЕРС и ФРИЛЕНСЕРС нема да сноси никаква одговорност за било каква штета настаната заради објавување на деловни или технолошки тајни, приватни информации, информации од домејнот на интелектуална сопственост и сл. Исто така немате право да барате од ФРИЛЕНСЕРС никакви лиценцни надоместоци, премии и сл. за содржината и информациите кои вие или некој друг ги има објавено на ФРИЛЕНСЕРС.

Недозволени активности

Вашето однесување не смее да го попречува или да му забранува на било кој друг корисник да го употребува било кој дел од ФРИЛЕНСЕРС, во спротивно може да го блокираме вашиот пристап и користење на порталот.

Забрането е поставување било каква содржина која:

  • Крши било какви законски одредби
  • Неосновано клевети други корисници или личности кои воопшто не се членови на ФРИЛЕНСЕРС
  • Содржи лични податоци, особено лични податоци на трети лица
  • Содржи вируси или малициозен софтвер
  • Нуди преземање на заштитени, доверливи или пиратски податоци и фајлови
  • Е навредлива и непристојна за другите
  • Е вулгарна, недолична или порнографска
  • Претставува верска, национална, политичка, религиозна навреда или обиди за ширење на омраза.
  • Содржи закани или уцени
  • Има за цел експлоатација од било каква природа на деца и малолетници
  • Содржи податоци што може да се сметаат за интелектуална сопственост на трети лица
  • Претставува обид за измама
  • Служи како лична реклама или реклама на трети лица и фирми. За овие цели планирана е „премиум“ функционалност на ФРИЛЕНСЕРС, која ќе биде специјално наменета за рекламирање на лица и фирми
  • Служи за било каква друга намена освен за целите на барање и нудење некаква услуга поврзана со функционалноста и понудените категории на услуги на ФРИЛЕНСЕРС.

Пристапување или обид за пристапување до податоци кои не се предвидени за вас, како и логирање на сервер или профил каде не сте овластени за пристап.

Било какви активности кои подразбираат обиди за собирање информации или тестирање на безбедноста и конфигурацијата на ФРИЛЕНСЕРС, методите за автентикација, или податоци околу перформансите на сајтот.

Обиди и активности за онеспособување на функционалноста на ФРИЛЕНСЕРС.

Било какви активности кои може да се сметаат како нелојална конкуренција кон ФРИЛЕНСЕРС, обиди и активности да се пренасочат членовите на ФРИЛЕНСЕРС кон други конкурентски и/или малициозни портали.

Употреба на т.н. frames за неовластено репродуцирање на содржината на ФРИЛЕНСЕРС на други домејни и портали.

Било какви активности тенденциозно спротивни на бизнис интересите на ФРИЛЕНСЕРС.

Безбедност

Вашата лозинка е наменета само за индивидуална употреба – не ја споделувајте со други лица!

ФРИЛЕНСЕРС наметнува минимум критериуми за комплексноста на лозинките заради безбедност на вашиот профил и податоците кои ги содржи како и заради безбедност на самиот портал ФРИЛЕНСЕРС.

ФРИЛЕНСЕРС не чува автентична копија од вашата лозинка, поради тоа во случај на заборавање или губење на лозинката, Филенсер нема можност да ја поврати на ваше барање. Во таков случај ќе морате да ја смените постоечката лозинка.

Во случај на безбедносни инциденти или од други оправдани причини поврзани со ИТ безбедноста, ФРИЛЕНСЕРС има право да ви наложи да ја смените лозинката на вашиот профил.

Датум на последна промена: 07/02/2024

Овој портал користи колачиња (cookies) кои овозможуваат основна функционалност и аналитика.